Жанина Мирчевска. DIES IRAE - драмско либрето - DRAMATIS PERSONAE: МАРТА ПЕТАР ИРА ВАЊА ГЕРО ГОГА НИНА ЕВА ВИКТОР ДИЗЕ СЦЕНИ Прва брачна ноќ Се викам Ира Шофери Екскурзија Среќен роденден, драга! Зак и Зака Сребрена свадба Се викам Афродита Сукња со жипон Петинг Кокаин 47 Златна свадба Клинк-кланк-музика Ноќна ламба Ich liebe dich Патетик Златна рипка Соба Дејството се одвива во мотелска соба, од пристојна „Д“ категорија, без куќен ред и листа на инвентарот, но со шарени тапети. ПРВА БРАЧНА НОЌ (Марта и Петар водат љубов, на столица. Рамномерно капе од чешмата, упорно следејќи го нивниот природен ритам) ПЕТАР: Ја сум Петар Звани Шајбна... Звани Шајбна... Петар. Имам 22 и страшна пасија по крос. Мото крос. Имам женска, супер риба. На бутот има истетовирано „ШАЈБНА“. Крупно. Има коса густа, има заби здрави и нема работа. Ме сака. Јас имам Хонда. Најбрза на свет. Се тркам на турнири. Имам кацига, слим, тркала што корнат асвалт и ауспух во пламен. Старт! Бришан простор. Сто, сто, сто дваесет, сто педесет, цел. Имам и мајка. Што прави едни нокли! Салцбуршки. Секој ден чека да ѝ заѕвонат на врата и да ѝ кажат дека сум се слупал, дека сум рикнал. Денеска со Марта се земавме. Се венчавме. Наместо бурми, разменивме кациги. На мајка ми ѝ е мило. Секогаш на одење ми вика да возам полека. Со Марта уживам да шибам ноќе до даска. До сега не сум имал сообраќајки. Ништо страшно. Многу ми е мило што сопруга ми е Марта. МАРТА: Јас сум Марта, женската на Петар Звани Шајбна. Имам 20 години, 168 сантиметри и 53 кила. Инаку обожавам слатки. Од денеска, без свадбена торта, законски сум негова жена. Стално сме заедно. Тој стално ми вика: „Еј мала, отвори го срцето за мене“. Никогаш нема да го изневерам Шајбна. Ова е нашата прва брачна ноќ. Сакам Петар да ми биде добар маж и да имаме радосни и весели денови, денови, денови... (Завршуваат на врв на страста. Се одделуваат еден од друг) ПЕТАР: Мислиш дека ќе биде син? МАРТА: Сигурно ќе биде син. ПЕТАР: Мој син... Тркач. Рели тркач. МАРТА: Со плави очи. ПЕТАР: Жесток, во сребрен слим и црно-бело рели знаме. МАРТА: И сребрена кацига. ПЕТАР: Ќе има женски. Највеќе на свет. Ќе шиба триста на стаза. МАРТА: Ќе има „Принц“. ПЕТАР: Ќе има „Поп-Јагуар“ и куп медали. МАРТА: Како ќе го крстиме? ПЕТАР: Нека биде... нека биде... Април. А? МАРТА: Април! Април што го направивме во август! ПЕТАР: Марта?... Како се вика мотелов? МАРТА: Немам поим. Немаше реклама. ПЕТАР: А собава? МАРТА: Што? ПЕТАР: Кој број е? МАРТА: Немаше број. ПЕТАР: Број еден. МАРТА: Од каде знаеш. ПЕТАР: За прва брачна ноќ, за тркачот на формула еден - број еден. (Тивок кикот) МАРТА: Шајбна?!... Како ќе ја платиме сметката? ПЕТАР: Која сметка? МАРТА: За собава, Петар! За оваа ноќ. (Петар молчи. Чешмата капе) ПЕТАР: Не те нервира?... Упорно капе. МАРТА: Шворц, а? ПЕТАР: Јапонска тортура. МАРТА: И мораш да плаќаш. (Петар се надвиснува над Марта. Ѝ се насмевнува) ПЕТАР: Еј мала, отвори го срцето за мене! (Марта и Петар водат љубов, на столица, одново. Пак) (Мрак) СЕ ВИКАМ ИРА (Ира - седумнаесетгодишна црнка, со изморено лице, во мантил за дожд, со мало куферче, со повивка во едната рака, влегува во собата. Од надвор грмотевици и дожд. Ира неколку мига стои на вратата. Издивнува. Ира го остава куферчето на подот. Ја остава повивката на креветот. Ира се соблекува, немарно оставајќи ја облеката низ целата соба. Ира оди до мијалникот. Пушта вода. Си мие раце, лице, врат... Ира седнува на столот. Од неа се цеди вода. Ништо не презема... станува од столот. Ира низ собата ги собира расфрланите алишта. Се облекува. Ја исчешлува косата. Ја обновува размачканата шминка. Се дотерува. Ира доаѓа до куферчето спремна за да излезе. Го отвора. Ира од него вади кукла. Во грб со клуч ја навиткува. Од куклата доаѓа пријатна, успивна, клинк-кланк музика. Ира оди до креветот. Ја остава куклата до повивката. Ира оди до огледалото. Со кармин пишува: „Се викам Ира“. Ира го зема куферчето. Доаѓа до вратата. Ира се врти уште еднаш кон повивката. Стои така на вратата неколку мига, држејќи ја кваката за да излезе) ИРА: Збогум Афродита! (Ира излегува. Уште неколку мига клинк-кланк музика и плач на бебе) (Мрак) ШОФЕРИ (Вања - висок младич со подолги екстремитети, сосем истрижана глава и чевли број 54, и Геро - средовечен, принизок и полникав човек. Шофери. Вања си игра пали-гаси, „малтретирајќи“ ја ноќната ламба со абажур. Интересно му е. Геро, сиот во пена, се бричи пред огледалото. Вања мрмори напев. ВАЊА: Татко ми е шофер, а син сум му јас, тој пумпа гуми, а девојки јас. (Геро бричејќи се, се исекува. Вања се смее. Геро е лут) ГЕРО: Што си играш пали-гаси, пали-гаси. Ако цркне кој ќе плаќа... А, Вања? Од прееска: пали-гаси, пали-гаси... Детска работа... (Продолжува да се бричи. По малку) ВАЊА: Што возиме овој пат мајсторе, мајсторе? ГЕРО: Што возиме, што возиме. Возиме што возиме. Пиво возиме. ВАЊА: Мајсторе, мајсторе едно пиво... може? ГЕРО: Не може. Не сум јас пивара. ВАЊА: Едно. ГЕРО: Шпедиција е шпедиција. Со налог е. Броено. ВАЊА: По пола... Едно, мајстор Геро, мајстор Геро. ГЕРО: Едно по едно. А едно, а ни едно. Не може ни едно... Едно де едно... донеси две. (Вања поаѓа да излезе. Ноќната ламба прегорува со силно врескање) (Мрак) ЕКСКУРЗИЈА (Нина и Гога, на 13-14 години, ученички. Гога легната на кревет во фармерки и патики, Нина во пиџами со мечиња и слончиња. По собата расфрлани алишта и други предмети, од разотворените патни торби. Гога збревтува, имитирајќи некаква порно сцена. Нина се смее) ГОГА: Sehr gut, sehr gut! Weiter, weiter!... Јаа, јаа - sehr gut... jaa, jaa... ааа, а... аааа... НИНА: Баш си перверзна. ГОГА: Така прават! Жими мајка. НИНА: Ти не си нормална. ГОГА: Да ти кажам друг. НИНА: Ќе умрам од смеја. ГОГА: Ноќе. Нема светло. Таа, потпрена на ѕид. Чека. Доаѓа еден. - Еј женска... Ајде со мене! - Сакаш со зборење или без зборење? - И со зборење и без зборење. Ајде! - Со светло или во темно? - И со светло и во темно. - Сакаш да бидеш горе или доле? - Ајде, и едно и друго. - Сакаш да викам или да не викам? - Слушај пичко, идеш или не идеш? - Колку плаќаш? - Зависи колку даваш... (Гога збревта имитирајќи порно сцена) Sehr gut, sehr gut... jaa, jaa... НИНА: Што имаш германски? ГОГА: Треба да одговорам за двојка. Ми фалат две за добра. НИНА: Гога!? До кога имаш излез? ГОГА: До фајронт. Ти? НИНА: Пушти, мајка ми. ГОГА: Што се срамиш! Кажи. НИНА: До десет. ГОГА: Па што. НИНА: Како па што. Види какви пиџами носам. Со слончиња. ГОГА: Што ги носиш? НИНА: Што да носам? Сите ми се такви. ГОГА: Спиј како мене. НИНА: Како? ГОГА: Скроз. НИНА: Без? ГОГА: Без. НИНА: Не се срамиш? ГОГА: Од кого? НИНА: Така, од себе. ГОГА: Тебе баш ти се убави. Мене ми се мали. НИНА: Јас сакам да ми бидат мали. ГОГА: Сум видела оволкави. НИНА: Уф! ГОГА: Супер!... (Пауза) ГОГА: Ќе напишам нешто на ѕид. Ќе се потпишам. НИНА: Немој. ГОГА: Ќе напишам Гога и Нина. Екскурзија, осмо „Г“. НИНА: Немој. Може да влезе класната. ГОГА: Немој да бидеш штребер. НИНА: Нема смисла да пишуваш на ѕид. ГОГА: А каде да пишувам! НИНА: Не ме пишувај мене. ГОГА: Баш си педер... Ќе напишам само Гога. НИНА: Добро... Напиши и Нина... Океј?! (Гога штотуку спремна да напише нешто на ѕид - снемува струја) НИНА: Снема струја. ГОГА: Срање. НИНА: Ќе спиеме. ГОГА: Кај најде сега!?... Нина?... Нина?... НИНА: Што е? ГОГА: Многу се плашам од темно. НИНА: Сакаш да спиеш со мене? (Мрак) СРЕЌЕН РОДЕНДЕН, ДРАГА! (Виктор на четириесет и пет и Ева на триесет, во облека на добро ситуиран пар, влегуваат со взаемен бран на љубов во погледите. Ева пали светло. Виктор го гаси. Интимен флуид. Ги соблекуваат шушкавите палта. Вечерни тоалети. Виктор ја пали ноќната ламба. Интимно светло. Седнуваат на масата еден спроти друг. Виктор ги зема двете чаши од пред огледалото. Галантно вади шише пијалок. Сипува во двете чаши. Ги креваат чашите) ЕВА: За тебе Виктор. ВИКТОР: Впрочем, за тебе Ева. (Сè чукнуваат. Пијат. Мала игра меѓу рацете положени на масата. По малку) ЕВА: Како ќе ме убиеш, драги? (Виктор ѝ се насмевнува. Од внатрешниот џеб на свеченото палто вади подарок во кутивче. Го отвора. Блескав бисерен ѓердан. Благодарен поглед од Ева) ВИКТОР: Среќен роденден, драга! (Виктор ѝ приоѓа одзади, да ѝ го закопча ѓерданот. „Преокупиран“ со ѓерданот, почнува да ѝ го стега вратот. Виктор со сет сила ѝ го приклештува ѓерданот, ја дави, Ева кркори, со напор да се ослободи, Виктор силно стега. Чашата на Ева ѝ паѓа од рака. Се крши. Ѓерданот се растура. Ева паѓа мртва) (Мрак) ЗАК И ЗАКА (Дизе - старче од 107 години, со бела брада и бела, придолга коса, во облека со гризотини од молци и стари кондури - скитник. Во раката има куфер. Повеќе шушти отколку збори. Комплетно без заби) ДИЗЕ: На стариот Зак му се посака да води љубов со неговата покојна Зака. Зак отиде на старите гробишта, ај откопа Зака и така, во прешироката карлица ја реши својата мака. На стариот Зак во сонот ноќта му дојде Зака, со потсмев бесрамник го рече, оти Зак ја изневерил со друга, оти Зака не била таа, оти Зака отишла кај друг, оти во гробот закопале друга. На стариот Зак му требаше долго да се сети дека го изневерила неговата покојна Зака. (Дизе седнува на столот. Го остава куферот на масата) ДИЗЕ: На сто четири ми пораснаа нови катници, на сто седум втори умници. Мене Господ ме заборавил. Е, Дизе, Дизе... (Го отвора куферот. Од него доаѓа пријатна, успивна, клинк-кланк музика. Дизе тивко залипува. Плаче. Липа. Плаче погласно... трае долго..) (Мрак) СРЕБРЕНА СВАДБА (Марта и Петар по 25 години од првата брачна ноќ. Тој, накривува во едната нога, потќелавен. Таа очигледно здебелена, со витлер во косата. Јадат торта. Таа што може побрзо и полакомо, тој затоа што е свадбена. Чешмата упорно и рамномерно капе) ПЕТАР: Јас сум Петар Звани Шајбна... Звани Шајбна... Петар. Имам 47 и занат во раце. Механичар. Женет. Имам добра жена. Косата ја фарба, горе лево има мост и повишен притисок. Добро готви. Имав и мајка. Умре. Склероза на мозокот. Имав и сообраќајка. На мото крос. Левата ми е пократка за два сантиметри... Вработен. Во фабрика. За мотори. Работам во три смени, имам бенифициран стаж, К-петнаесет, топол блок, возна карта, прехранбени бонови... На денешен ден со Марта се земавме. Се венчавме. Точно пред дваесет и пет години. Ова е нашата сребрена свадба. Секоја година одиме на море, а жената ја носам и на бања за женски болести. Сè на сè, дваесет и пет години слога и разбирање. МАРТА: Четврт крупно сечени ореви, 250 грама шеќер, 250 грама суво грозје и една до три штангли чоколадо, се замесуваат со четири јајца. Се пече на умерен оган. Кога е печено се сече на штангли и се посипува со 250 до 300 грама шеќер во прав и ванила по желба. Јас сум Марта, жената на Петар Звани Шајбна. Домаќинка. Имам 45 и 82 кила. Знам да правам нокли. Салцбуршки. 250 грама шеќер, 250 грама путер, 250 грама брашно се пече на 250. Кога се печени се потура шербет со цимет по желба. Еднаш, па уште еднаш. Трипати се лечев во бања... Стерилна. На три места сме кумови. Трипати даде име Април. Никогаш не зборува за тоа... „Фламбиран јазик“... Четврт крупно сечени јазици, анис, сол, бибер, цимет, шеќер... шеќер, цимет... цимет... цимет, цимет... цимет... (Марта ја дојадува целата торта, лакомо и манично, до крај. Чешмата и натака капе) ПЕТАР: Попуштила гумичката. МАРТА: Живците ми ги искина. ПЕТАР: Јапонска тортура. МАРТА: И за ова плаќаш. (Петар ѝ подава нешто ситно на Марта) ПЕТАР: Го најдов под маса. МАРТА: Како дошол на подот?! ПЕТАР: Се скинал и паднал. МАРТА: Прав бисер. ПЕТАР: Имитација. МАРТА: Прав е кога ти викам. ПЕТАР: Од пазар, за ефтини пари. МАРТА: Кога ти ќе ми купиш и таков?! ПЕТАР: За некоја прилика. МАРТА: За која? ПЕТАР: Ќе има. МАРТА: А за оваа? ПЕТАР: За оваа те донесов овде. МАРТА: Мислиш на оваа прчварница! ПЕТАР: И овде се плаќа. МАРТА: И тоа е твојот дар за брак од дваесет и пет години?!... ПЕТАР: А каде е твојот за овие дваесет и пет, жено!?... (Молк. Марта ја сведнува главата, пред да заплаче. По малку) МАРТА: Има нешто за пиење? ПЕТАР: Само сокче. МАРТА: Ми се јаде. ПЕТАР: Сега јадеше. МАРТА: Пак ми се јаде. ПЕТАР: Ќе спиеме. МАРТА: Рано е. ПЕТАР: Не е рано. МАРТА: Рано е. ПЕТАР: Не е рано. МАРТА: Рано е. ПЕТАР: Не е рано. (Молк... Чешмата рамномерно и упорно, понатака капе) (Мрак) СЕ ВИКАМ АФРОДИТА (Ира - седумнаесетгодишна, но сега блондинка, со изморено лице, во мантил за дожд, со мало куферче, со повивка во едната рака, влегува во собата. Од надвор грмотевици и дожд. Ира неколку мига стои на вратата. Се издивнува. Ира го остава куферчето на подот. Ја остава повивката на креветот. Ира се соблекува, немарно оставајќи ја облеката низ целата соба. Ира оди до мијалникот. Пушта вода. Си мие раце, лице, врат... Ира седнува на столот. Од неа се цеди вода. Ништо не презема. Станува од столот. Ира низ собата ги собира расфрланите алишта. Се облекува. Ја исчешлува косата. Ја обновува размачканата шминка. Се дотерува. Ира доаѓа до куферчето спремна за да излезе. Го отвора. Ира од него вади кукла. Во грбот со клуч ја навиткува. Од куклата доаѓа пријатна, успивна, клинк-кланк музика. Ира оди до куферот. Ја остава куклата до повивката. Ира оди до огледалото. Со кармин пишува: „Се викам Афродита“. Ира се врти уште еднаш кон повивката. Стои така на вратата неколку мига, држејќи ја кваката за да излезе) ИРА: Збогум Ира! (Ира излегува. Уште неколку мига клинк-кланк музика и плач на бебе) (Мрак) СУКЊА СО ЖИПОН (Вања висок младич со подолги екстремитети, сосем истрижана глава и чевли број 54 и Геро - средовечен, принизок и полникав човек. Шофери. Пијат пиво. На екс. Околу нив испразнети шишиња пиво. Гајби. Пијани се. Пијат непрекинато) ВАЊА: Мајстор Геро, не те потсетува на сукња ноќнава ламба? ГЕРО: На што? ВАЊА: На сукња. ГЕРО: На сукња, со жипон. (Вања гледа во ноќната ламба. Геро пие. Вања оди до ноќната ламба. Ја пали. Не свети. Шкрапа на прекинувачот. Прегорена е) ВАЊА: Штета. (Седнува спроти Геро. Пијат. По малку) ВАЊА: Мајстор Геро, не те потсетува на сукња ноќнава ламба? ГЕРО: На што? ВАЊА: На сукња. ГЕРО: На сукња, со жипон. (Вања гледа во ноќната ламба. Геро пие. Вања оди до ноќната ламба. Ја пали. Не свети. Шкрапа на прекинувачот. Прегорена е) ВАЊА: Штета. (Седнува спроти Геро. Пијат. По малку. Геро гледа во ноќната ламба. Вања пие. Геро оди до ноќната ламба. Ја пали. Не свети. Шкрапа на прекинувачот. Прегорена е. Седнува спроти Вања) ГЕРО: Вања, не те потсетува на сукња ноќнава ламба? ВАЊА: Тебе? ГЕРО: На сукња, со жипон. ВАЊА: Штета. ГЕРО: Штета. ВАЊА: Штета. ГЕРО: Штета. (Паѓаат од пијаност меѓу испобутканите шишиња. Мрморат. Ноќната ламба, по малку, светнува. Свети) (Мрак) ПЕТИНГ (Нина и Гога по 7-8 години, во полумрак, комотно соблечени. Нина лежи на кревет, Гога покрај неа, долу. Едната нога на Нина е во пена, Гога ѝ ја бричи ногата). НИНА: Не можеше да најдеш ништо поефтино!? ГОГА: Така сакам. НИНА: Нема струја. ГОГА: Баш е романтично. НИНА: Баш си перверзна. Мразам да седам во темно. ГОГА: Да ти кажам еден филм: НИНА: Каков филм?!... ГОГА: Ноќе. Нема светло. Две голи баби, збрчкани и штрби вештерки со бушави коси. - Од секогаш си имала широка карлица. - И твојата се прошири. - Што ме фаќаш! - Кога пак ќе се видиме? - Нема повеќе да се видиме. - И јас така мислам. - Знаеш? Ти ставив жива во кафето. - Стварно?... Јас ти ставив цијанкалиј во џинот. - Фино. - Зошто ми стави жива? - Тоа имав. - Што ќе правиш сега? - Ќе си одам дома. Ти? - И јас. - Време е. - Ich liebe dich. - Ich liebe dich. - Пријатно. - Збогум. НИНА: Глупости. Ајде доврши, ладно ми е. (Гога ја бричи Нина) ГОГА: Нина?... Зошто закасни денес? НИНА: Одев пеш. ГОГА: До овде. НИНА: Да, до овде. ГОГА: Немаш пари за такси? НИНА: Имам. ГОГА: Па што пеш? НИНА: Така сакам. ГОГА: Што се лутиш?... А? Нина!?... НИНА: Два километри застој. Страшна сообраќајка. Цел пат срчи. ГОГА: Стварно!?!... НИНА: Се превртел камион. Пиво возеле. ГОГА: Мртви? НИНА: Би било чудо да не се. ГОГА: Добар крај за филм. НИНА: Мислиш дека лажам!? ГОГА: Кој рече. НИНА: Не верувај ако сакаш. ГОГА: Реков само добар крај за филм. (Гога ја засекува Нина со бричот) НИНА: Пази!!! (Пауза. Двете гледаат во засечената нога) ГОГА: Имаш густа крв... Убаво ти стои на нога. (Гога ѝ ја лизнува крвта и ногата) НИНА: Ти не си нормална. (Нина станува, турнувајќи ја Гога. Нина се облекува, навлекувајќи чорапи... И сè по ред) ГОГА: Каде? НИНА: Имам работа. ГОГА: Секогаш имаш работа... Каде?... НИНА: Не е важно. ГОГА: Важно е... Каде?... НИНА: Ме влечкаш по ефтини мотели... ГОГА: А што сакаш ти. Апартман. Со телевизор. Со фрижидер. НИНА: Немој да бидеш безобразна. ГОГА: Не сум безобразна... Каде?... НИНА: Имам испит. „Каде?!“ ГОГА: И јас имам, Нина. НИНА: Одам да учам... Ете каде. ГОГА: Што спремаш? НИНА: Германистика. ГОГА: Ich liebe dich. НИНА: Ich liebe dich, Гога. (Се доближуваат една до друга. Снемува струја) ГОГА: Снема струја. НИНА: Срање. ГОГА: Кај најде сега. (Во полумрак се раздвижуваат... Почнуваат од почеток) НИНА: Не можеше да најдеш ништо поефтино!? ГОГА: Така сакам. НИНА: Нема струја. ГОГА: Баш романтично. НИНА: Баш си перверзна. Мразам да седам во темно. (Мрак) КОКАИН (Виктор, по петнаесет години, на шеесетина - пробелен во косата, ослабен - сега стариот костум виси на него. Ева непроменета, на триесет години, во истата облека. За него изминало многу време, за неа ни малку) ЕВА: Жал ти е што ме уби? ВИКТОР: Колку време помина од тогаш! ЕВА: Колку време лежиш затвор? ВИКТОР: Остарев Ева. ЕВА: Жал ти е што ме уби? ВИКТОР: Знаеше дека ќе умреш? ЕВА: Во ваков мотел не се слави роденден драги. Можевме во „Риц“. Можеше да ме фрлиш од балкон. Несреќен случај. Да ме удавиш во када, капка во мозокот... Овде веднаш паѓаш во очи. Чаршави несменети, стар мебел, прашина, прашина, а ние во луксузни одела... Наивно Викторе, наивно... ВИКТОР: Замолчи Ева. ЕВА: Жал ти е што ме уби?... Ајде да се напиеме, драги. ВИКТОР: Што има? ЕВА: Погоди! ВИКТОР: Не знам. ЕВА: Сети се. ВИКТОР: Заборавам, Ева. ЕВА: Шампањ!... Не го допивме тогаш... Има само една чаша. Јас ќе лизнам од шише... Се сеќаваш, ја скршивме другата тогаш. ВИКТОР: Не помнам веќе добро, Ева. ЕВА: Да, да. Мене ми падна од раце. (Ева сипува во чашата за Виктор. За неа, од шише) ЕВА: За тебе Виктор. ВИКТОР: Впрочем за тебе Ева. (Се чукнуваат. Пијат) ВИКТОР: Не си изменета Ева. ЕВА: Зошто онака ме уби? ВИКТОР: Како требаше? ЕВА: Можеше со пиштол. ВИКТОР: Сеедно е тоа. ЕВА: А вратот?... Види ми го вратот!... Модар. ВИКТОР: И ти се враќаше од некаде со модар. ЕВА: Жал ти е што ме уби? ВИКТОР: Жал ми е што те убив. (Ева шмркнува кокаин. Виктор очајно пие) ЕВА: Јас го заведов драги. ВИКТОР: Зошто Ева?! ВИКТОР: Млад, убав, силен, кожата му мирисаше на цимет и имаше јазик од пламен. ВИКТОР: Женет е сега. ЕВА: Веројатно драги. ВИКТОР: Има големи деца. Пуштил и стомак. ЕВА: Така е тоа со сите. ВИКТОР: Од кога се дрогираш? ЕВА: Секогаш ми е полесно со ова. Се опуштам. Ми доаѓаат слики. Паѓам во море. Ме голта кит... Таму седат две жени. Водат љубов. Збревтаат, збревтаат... Крај нема. Јас во темно. Ги барам. Никаде ги нема. „Мразам да седам во темно, мразам да седам во темно“ - се дерам и се претворам во солза, китот ме исплакува и пак сум дома кај тебе... Секогаш ми е полесно со ова... Ме навикнува уште Север. ВИКТОР: Мораш секогаш да го спомнуваш него?!... ЕВА: Уште си љубоморен драги? ВИКТОР: Љубоморен сум Ева. ЕВА: Жал ти е што ме уби? ВИКТОР: Престани, еднаш. (Пауза) ВИКТОР: Што да правам Ева? ЕВА: Старееш драги. ВИКТОР: Сам сум Ева. ЕВА: Зошто не се убиеш драги? ВИКТОР: Како да се убијам Ева? ЕВА: Кутриот Виктор... ВИКТОР: Можам со пиштол. ЕВА: Нема да боли?!... ВИКТОР: Тебе те болеше Ева? ЕВА: Жал ти е што ме уби? (Мрак) 47 (Дизе - сега на 47, подмладен, со темна коса, темна брада, истото одело, кондури - скитник. Во раката има куфер) ДИЗЕ: Ќе издивнеш во смрт засекогаш заборавен и оплакан со две-три солзи од некое жаловито срце што всушност ќе плаче за својата несреќа, а не за твојот погреб оскуден како и сите просечни погреби без роднини и пријатели со едно куче скитник во поворката кое за секој умрен мисли дека ќе е неговиот газда што го бара целиот свој живот и наместо погребните труби и свирачите чии костими константно мирисаат на нафталин ќе те исплаче тоа куче што ќе завие два-три пати и нема да доврши оти ќе дојде друг покојник во кола со четири црни коња и бели перјаници и кучето ќе се стрча по нив заборавајќи те тебе и мислејќи за новиот дека тој му е газдата, а ти додека сето тоа го гледаш и не можеше ни камен да фрлиш, ќе го опцуеш кучето и ќе ти биде криво и дури тогаш ќе сфатиш дека си бил секогаш сам, како што ќе бидеш таму долу, очаен, изморен од мислите ќе поминеш една ноќ, првата ноќ во твојот нов дом, додека сите спијат, а и ти се обидуваш да заспиеш со страшен недостаток од таблети за спиење, Либриум,што ќе ти фалат целиот твој постоечки престој таму, обидувајќи се да се сетиш зошто воопшто си стигнал на тоа место... (Дизе седнува на столот. Го остава куферот на масата) ДИЗЕ: Имам проблеми со забите. Ме болат на топло. Ме болат на ладно. На 47, без заби - ништо. Само со попара. Е, Дизе, Дизе... (Го отвара куферот. Од него доаѓа пријатна, успивна, клинк-кланк музика. Дизе тивко залипува. Плаче. Липа. Плаче погласно... Трае долго..) (Мрак) ЗЛАТНА СВАДБА (Марта и Петар по педесет години од првата брачна ноќ. Сосема стари, спори и сенилни. Тој подгрбавен и послаб, она малку коса е сосема бела, со пеги на челото. Таа е енормно дебела, со ретка коса и очила. Се спремаат за спиење, бавно и полека - ставаат пиџами и вилици во чаши. Чешмата неуморно и ритмично, редовно капе) ПЕТАР: Јас сум Шајбна... Имам 72 и несоница... Имам пензија... Имам и саат... од фабрика... златен... со повела... Имам и жена... нема коса, нема заби... има перде... Се земавме. Се венчавме. Точно пред педесет години. Ова е нашата златна свадба... Таа заборава... Немаме деца... „Јапонска тортура“... „Имитација! - Прав е кога ти викам. - Од пазар, за ефтини пари!“... Инаку Марта ми е добра. Многу ми е мило што сопруга ми е Марта. МАРТА: Јас сум Марта... на Шајбна!... Имам седумдесет со сто осумдесет... кила. Имам лекови... на нервна база... од црвените и од жолтите... Земам трипати по едно од четврт крупно сечени јазици и пред јадење... 250 грама ванила со цемет. Се пече триста на саат... Стерилна.. штангла... Добра е! За бања... „Кога ти ќе ми купиш... сребрена кацига... плави очи, со цимет и радосни и весели денови, денови, денови“... А Шајбна? А? Шајбна?... Шајбна?... Шајбна!... (Веќе спремни за спиење, легнуваат во кревет, до пола покриени, држејќи се за рака. Дремат) ПЕТАР: Марта! Не беше ова истата соба? МАРТА: Која соба? ПЕТАР: Се сеќаваш на оној Април? МАРТА: Кој Април? ПЕТАР: Оној што го направивме во август! МАРТА: Не беше тој Март?! ПЕТАР: Нее! Април. „Април што го направивме во август!“ МАРТА: Ти мислиш онаа соба...? ПЕТАР: Да, да. Само тапетите се нови. (Пауза. Молчат. Чешмата капе и капе - метроном на времето) ПЕТАР: Ја слушаш? МАРТА: Капе? ПЕТАР: Капе. (Петар се надвиснува кон Марта, по малку) ПЕТАР: Еј мала, отвори го срцето за мене! (Марта му се насмевнува. Се покриваат преку глава. Мрдање. Можеби водат љубов) (Мрак) КЛИНК-КЛАНК-МУЗИКА (Ира - седумнаесетгодишна, но сега, црнка со изморено лице, во мантил за дожд, со мало куферче, со повивка во едната рака, влегува во собата. Од надвор грмотевици и дожд. Ира неколку мига стои на вратата. Се издивнува. Ира го остава куферчето на подот. Ја остава повивката на креветот. Ира се соблекува, немарно оставајќи ја облеката низ целата соба. Ира оди до мијалникот. Пушта вода. Си мие раце, лице, врат... Ира седнува на столот. Ира низ собата ги собира расфрланите алишта. Се облекува. Ја исчешлува косата. Ја обновува размачканата шминка. Се дотерува. Ира доаѓа до куферчето спремна за да излезе. Го отвара. Ира од него вади кукла. Во грб во клуч ја навиткува. Од куклата доаѓа пријатна, успивна, клинк-кланк музика. Ира оди до креветот. Ја остава куклата до повивката. Ира оди до огледалото. Со кармин пишува: „Се викам Ира“. Ира го зема куферчето. Доаѓа до вратата. Ира се врти уште еднаш кон повивката. Стои така на вратата неколку мига, држејќи ја кваката за да излезе) ИРА: Збогум Афродита! (Ира излегува. Уште неколку мига клинк-кланк музика и плач на бебе) (Мрак) НОЌНА ЛАМБА (Геро и Вања непроменети. Геро близу ноќната ламба со абажур. Ламбата свети. Ја гледа со интерес, мамурен. Вања сиот во пена, се бричи пред огледалото. Мрмори напев. Геро шкрапнува на прекинувачот. Ламбата и натака свети. Се чуди. По малку пак шкрапнува на прекинувачот. Ламбата свети. Гледа во Вања да не го види. Ја загледува ламбата од страна, одоздола. Не му е јасно. Непрекинато и луто прави пали-гаси, пали-гаси... Ламбата без промени - свети. Вања го следи преку огледалото. Геро непрекинато пали-гаси, пали-гаси. Ламбата не реагира. И Вања стаписан, но се оддава - го следи во огледалото. Геро збеснат го корне гајтанот на ламбата. Ламбата и покрај сè, свети. На Геро не му се верува) ВАЊА: Мајстор Геро, мајстор Геро?!... ГЕРО: Што „мајстор Геро, мајстор Геро“. Оди плати за собава... Од прееска: „Мајстор Геро, мајстор Геро“... Ако цркне кој ќе плаќа... Детинска работа. (Ноќната ламба, по малку, засветува со послаб интензитет. Затрепкува. Жмирка. Слабнее, се гаси) (Мрак) ICH LIEBE DICH (Нина и Гога - сега на 80 години, старици. Со снежно-жолтеникави тела, со виснати делови и кожи, со бушави, долги, сосема бели коси. Штрби. Двете палави „вештерки“, врискаат и пискаат - збревтаат, збревтаат... во мрак... кикот од двете) НИНА: Не се срамиш? ГОГА: Од кого? НИНА: Така, од себе. ГОГА: Тебе не ти се убави. НИНА: Твоите се мали. ГОГА: Подобро е да се мали. НИНА: Од секогаш си имала широка карлица. ГОГА: И твојата се прошири. НИНА: Што ме фаќаш! ГОГА: Кога пак ќе се видиме? НИНА: Нема повеќе да се видиме. ГОГА: И јас така мислам. НИНА: Знаеш: Ти ставив жива во кафето. ГОГА: Стварно?... Јас ти ставив цијанкалиј во џинот. НИНА: Фино. ГОГА: Зошто ми стави жива? НИНА: Тоа имав. ГОГА: Што ќе правиш сега? НИНА: Ќе си одам дома. Ти? ГОГА: И јас. НИНА: Време е. ГОГА: Ich liebe dich. НИНА: Ich liebe dich. ГОГА: Пријатно. НИНА: Збогум. (Кикот од обете. Снемува струја) НИНА: Снема струја. ГОГА: Нина?... Нина?... НИНА: Што е? ГОГА: Многу се плашам од темно. НИНА: Сакаш да спиеш со мене!... (Мрак) ПАТЕТИК (Виктор, сега на седумдесет години - уште поостарен, паднат. Ева непроменета, на триесет, во истата гардероба, дрогирано поднасмеана. Виктор очаен и пијан, со чаша во раката. Во другата држи пиштол. Ева вади куршум. Го зема пиштолот. Го става куршумот. Му го дава пиштолот на Виктор. Виктор го вперува во слепоочницата. Спремен да пука. Замижува. СОбира храброст. Ева во исчекување. Долго. Ништо) ВИКТОР: Немам храброст Ева. ЕВА: Храброст, драги? ВИКТОР: Не можам да пукам. ЕВА: Типичен патетик. (Виктор го вперува пиштолот во уста. Спремен да пука. Замижува. Собира храброст. Ева во исчекување. Долго. Ништо) ВИКТОР: Немам храброст Ева. ЕВА: Храброст драги? ВИКТОР: Не можам да пукам. ЕВА: Типичен патетик. (Виктор го вперува пиштолот во стомак. Спремен да пука. Замижува. Собира храброст. Ева во исчекување. Долго. Ништо) ВИКТОР: Немам храброст Ева. ЕВА: Храброст драги? ВИКТОР: Не можам да пукам. (Пиштолот го зема Ева. Го крева право кон челото на Виктор. Пука. Тилот на Виктор прска. Чашата од раката на Виктор паѓа. Се скрши) ЕВА: Типичен патетик. (Мрак) ЗЛАТНАТА РИПКА (Дизе - сега на 7 години, во детска облека, кондури. Во раката има куферче) ДИЗЕ: Си бил рибар и ја уловил златната рипка. Рипката замолила: „Рибару, рибару, пушти ме, ќе ти исполнам три желби!“ Рибарот помислил, помислил. Побарал две, а третата била да ја улови пак утрето. Рибата му ги исполнила двете желби и пак се уловила, а рибарот пак само две желби ѝ побарал, и третата пак да ја улови утрето, за да ѝ побара уште две нови и третата пак да ја улови. Така таа е само негова сега, а за нас ја нема повеќе златната рипка. (Дизе седнува на столот. Го остава куферот на масата) ДИЗЕ: Ми се нишаат забите. Ме чешаат непцата. Ми растат нови. Е, Дизе, Дизе... (Го отвора куферчето. Од него доаѓа пријатна, успивна, клинк-кланк музика. Дизе тивко залипува. Плаче. Липа. Плаче погласно... Трае долго..) (Мрак) СОБА (Празна мотелска соба. Капе чешмата. Капе - прво побавно, за со секоја капка да се забрза интензитетот на капењето. Потекува подолг и прекинат млаз вода. Потекува обилно и брзо вода) Се пали ноќната ламба. Сијалицата од таванот засветува со слаб интензитет. Постепено се зајакнува. Се гаси ноќната ламба. Се гаси сијалицата од таванот. Се пали ноќната ламба - наизменично, со сијалицата. Од лавабото се излива вода. Прска огледалото. Прскаат двете чаши... Чекори. Краток молк... ѕвечкање на клучеви. Во вратата се вовлекува клуч. Се завртува во бравата. Се отвара вратата. Крцка. Не влегува никој, во така отворена ширум. Молк. Долго. Само водата што се одлива од лавабото тивко жубори. Силен провев... Се придвижува вратата и прави ГОЛЕМО: Т Р Е С К А Њ Е!!!! КРАЈ - драмско либрето - DRAMATIS PERSONAE: МАРТА ПЕТАР ИРА ВАЊА ГЕРО ГОГА НИНА ЕВА ВИКТОР ДИЗЕ СЦЕНИ Прва брачна ноќ Се викам Ира Шофери Екскурзија Среќен роденден, драга! Зак и Зака Сребрена свадба Се викам Афродита Сукња со жипон Петинг Кокаин 47 Златна свадба Клинк-кланк-музика Ноќна ламба Ich liebe dich Патетик Златна рипка Соба Дејството се одвива во мотелска соба, од пристојна „Д“ категорија, без куќен ред и листа на инвентарот, но со шарени тапети. ПРВА БРАЧНА НОЌ (Марта и Петар водат љубов, на столица. Рамномерно капе од чешмата, упорно следејќи го нивниот природен ритам) ПЕТАР: Ја сум Петар Звани Шајбна... Звани Шајбна... Петар. Имам 22 и страшна пасија по крос. Мото крос. Имам женска, супер риба. На бутот има истетовирано „ШАЈБНА“. Крупно. Има коса густа, има заби здрави и нема работа. Ме сака. Јас имам Хонда. Најбрза на свет. Се тркам на турнири. Имам кацига, слим, тркала што корнат асвалт и ауспух во пламен. Старт! Бришан простор. Сто, сто, сто дваесет, сто педесет, цел. Имам и мајка. Што прави едни нокли! Салцбуршки. Секој ден чека да ѝ заѕвонат на врата и да ѝ кажат дека сум се слупал, дека сум рикнал. Денеска со Марта се земавме. Се венчавме. Наместо бурми, разменивме кациги. На мајка ми ѝ е мило. Секогаш на одење ми вика да возам полека. Со Марта уживам да шибам ноќе до даска. До сега не сум имал сообраќајки. Ништо страшно. Многу ми е мило што сопруга ми е Марта. МАРТА: Јас сум Марта, женската на Петар Звани Шајбна. Имам 20 години, 168 сантиметри и 53 кила. Инаку обожавам слатки. Од денеска, без свадбена торта, законски сум негова жена. Стално сме заедно. Тој стално ми вика: „Еј мала, отвори го срцето за мене“. Никогаш нема да го изневерам Шајбна. Ова е нашата прва брачна ноќ. Сакам Петар да ми биде добар маж и да имаме радосни и весели денови, денови, денови... (Завршуваат на врв на страста. Се одделуваат еден од друг) ПЕТАР: Мислиш дека ќе биде син? МАРТА: Сигурно ќе биде син. ПЕТАР: Мој син... Тркач. Рели тркач. МАРТА: Со плави очи. ПЕТАР: Жесток, во сребрен слим и црно-бело рели знаме. МАРТА: И сребрена кацига. ПЕТАР: Ќе има женски. Највеќе на свет. Ќе шиба триста на стаза. МАРТА: Ќе има „Принц“. ПЕТАР: Ќе има „Поп-Јагуар“ и куп медали. МАРТА: Како ќе го крстиме? ПЕТАР: Нека биде... нека биде... Април. А? МАРТА: Април! Април што го направивме во август! ПЕТАР: Марта?... Како се вика мотелов? МАРТА: Немам поим. Немаше реклама. ПЕТАР: А собава? МАРТА: Што? ПЕТАР: Кој број е? МАРТА: Немаше број. ПЕТАР: Број еден. МАРТА: Од каде знаеш. ПЕТАР: За прва брачна ноќ, за тркачот на формула еден - број еден. (Тивок кикот) МАРТА: Шајбна?!... Како ќе ја платиме сметката? ПЕТАР: Која сметка? МАРТА: За собава, Петар! За оваа ноќ. (Петар молчи. Чешмата капе) ПЕТАР: Не те нервира?... Упорно капе. МАРТА: Шворц, а? ПЕТАР: Јапонска тортура. МАРТА: И мораш да плаќаш. (Петар се надвиснува над Марта. Ѝ се насмевнува) ПЕТАР: Еј мала, отвори го срцето за мене! (Марта и Петар водат љубов, на столица, одново. Пак) (Мрак) СЕ ВИКАМ ИРА (Ира - седумнаесетгодишна црнка, со изморено лице, во мантил за дожд, со мало куферче, со повивка во едната рака, влегува во собата. Од надвор грмотевици и дожд. Ира неколку мига стои на вратата. Издивнува. Ира го остава куферчето на подот. Ја остава повивката на креветот. Ира се соблекува, немарно оставајќи ја облеката низ целата соба. Ира оди до мијалникот. Пушта вода. Си мие раце, лице, врат... Ира седнува на столот. Од неа се цеди вода. Ништо не презема... станува од столот. Ира низ собата ги собира расфрланите алишта. Се облекува. Ја исчешлува косата. Ја обновува размачканата шминка. Се дотерува. Ира доаѓа до куферчето спремна за да излезе. Го отвора. Ира од него вади кукла. Во грб со клуч ја навиткува. Од куклата доаѓа пријатна, успивна, клинк-кланк музика. Ира оди до креветот. Ја остава куклата до повивката. Ира оди до огледалото. Со кармин пишува: „Се викам Ира“. Ира го зема куферчето. Доаѓа до вратата. Ира се врти уште еднаш кон повивката. Стои така на вратата неколку мига, држејќи ја кваката за да излезе) ИРА: Збогум Афродита! (Ира излегува. Уште неколку мига клинк-кланк музика и плач на бебе) (Мрак) ШОФЕРИ (Вања - висок младич со подолги екстремитети, сосем истрижана глава и чевли број 54, и Геро - средовечен, принизок и полникав човек. Шофери. Вања си игра пали-гаси, „малтретирајќи“ ја ноќната ламба со абажур. Интересно му е. Геро, сиот во пена, се бричи пред огледалото. Вања мрмори напев. ВАЊА: Татко ми е шофер, а син сум му јас, тој пумпа гуми, а девојки јас. (Геро бричејќи се, се исекува. Вања се смее. Геро е лут) ГЕРО: Што си играш пали-гаси, пали-гаси. Ако цркне кој ќе плаќа... А, Вања? Од прееска: пали-гаси, пали-гаси... Детска работа... (Продолжува да се бричи. По малку) ВАЊА: Што возиме овој пат мајсторе, мајсторе? ГЕРО: Што возиме, што возиме. Возиме што возиме. Пиво возиме. ВАЊА: Мајсторе, мајсторе едно пиво... може? ГЕРО: Не може. Не сум јас пивара. ВАЊА: Едно. ГЕРО: Шпедиција е шпедиција. Со налог е. Броено. ВАЊА: По пола... Едно, мајстор Геро, мајстор Геро. ГЕРО: Едно по едно. А едно, а ни едно. Не може ни едно... Едно де едно... донеси две. (Вања поаѓа да излезе. Ноќната ламба прегорува со силно врескање) (Мрак) ЕКСКУРЗИЈА (Нина и Гога, на 13-14 години, ученички. Гога легната на кревет во фармерки и патики, Нина во пиџами со мечиња и слончиња. По собата расфрлани алишта и други предмети, од разотворените патни торби. Гога збревтува, имитирајќи некаква порно сцена. Нина се смее) ГОГА: Sehr gut, sehr gut! Weiter, weiter!... Јаа, јаа - sehr gut... jaa, jaa... ааа, а... аааа... НИНА: Баш си перверзна. ГОГА: Така прават! Жими мајка. НИНА: Ти не си нормална. ГОГА: Да ти кажам друг. НИНА: Ќе умрам од смеја. ГОГА: Ноќе. Нема светло. Таа, потпрена на ѕид. Чека. Доаѓа еден. - Еј женска... Ајде со мене! - Сакаш со зборење или без зборење? - И со зборење и без зборење. Ајде! - Со светло или во темно? - И со светло и во темно. - Сакаш да бидеш горе или доле? - Ајде, и едно и друго. - Сакаш да викам или да не викам? - Слушај пичко, идеш или не идеш? - Колку плаќаш? - Зависи колку даваш... (Гога збревта имитирајќи порно сцена) Sehr gut, sehr gut... jaa, jaa... НИНА: Што имаш германски? ГОГА: Треба да одговорам за двојка. Ми фалат две за добра. НИНА: Гога!? До кога имаш излез? ГОГА: До фајронт. Ти? НИНА: Пушти, мајка ми. ГОГА: Што се срамиш! Кажи. НИНА: До десет. ГОГА: Па што. НИНА: Како па што. Види какви пиџами носам. Со слончиња. ГОГА: Што ги носиш? НИНА: Што да носам? Сите ми се такви. ГОГА: Спиј како мене. НИНА: Како? ГОГА: Скроз. НИНА: Без? ГОГА: Без. НИНА: Не се срамиш? ГОГА: Од кого? НИНА: Така, од себе. ГОГА: Тебе баш ти се убави. Мене ми се мали. НИНА: Јас сакам да ми бидат мали. ГОГА: Сум видела оволкави. НИНА: Уф! ГОГА: Супер!... (Пауза) ГОГА: Ќе напишам нешто на ѕид. Ќе се потпишам. НИНА: Немој. ГОГА: Ќе напишам Гога и Нина. Екскурзија, осмо „Г“. НИНА: Немој. Може да влезе класната. ГОГА: Немој да бидеш штребер. НИНА: Нема смисла да пишуваш на ѕид. ГОГА: А каде да пишувам! НИНА: Не ме пишувај мене. ГОГА: Баш си педер... Ќе напишам само Гога. НИНА: Добро... Напиши и Нина... Океј?! (Гога штотуку спремна да напише нешто на ѕид - снемува струја) НИНА: Снема струја. ГОГА: Срање. НИНА: Ќе спиеме. ГОГА: Кај најде сега!?... Нина?... Нина?... НИНА: Што е? ГОГА: Многу се плашам од темно. НИНА: Сакаш да спиеш со мене? (Мрак) СРЕЌЕН РОДЕНДЕН, ДРАГА! (Виктор на четириесет и пет и Ева на триесет, во облека на добро ситуиран пар, влегуваат со взаемен бран на љубов во погледите. Ева пали светло. Виктор го гаси. Интимен флуид. Ги соблекуваат шушкавите палта. Вечерни тоалети. Виктор ја пали ноќната ламба. Интимно светло. Седнуваат на масата еден спроти друг. Виктор ги зема двете чаши од пред огледалото. Галантно вади шише пијалок. Сипува во двете чаши. Ги креваат чашите) ЕВА: За тебе Виктор. ВИКТОР: Впрочем, за тебе Ева. (Сè чукнуваат. Пијат. Мала игра меѓу рацете положени на масата. По малку) ЕВА: Како ќе ме убиеш, драги? (Виктор ѝ се насмевнува. Од внатрешниот џеб на свеченото палто вади подарок во кутивче. Го отвора. Блескав бисерен ѓердан. Благодарен поглед од Ева) ВИКТОР: Среќен роденден, драга! (Виктор ѝ приоѓа одзади, да ѝ го закопча ѓерданот. „Преокупиран“ со ѓерданот, почнува да ѝ го стега вратот. Виктор со сет сила ѝ го приклештува ѓерданот, ја дави, Ева кркори, со напор да се ослободи, Виктор силно стега. Чашата на Ева ѝ паѓа од рака. Се крши. Ѓерданот се растура. Ева паѓа мртва) (Мрак) ЗАК И ЗАКА (Дизе - старче од 107 години, со бела брада и бела, придолга коса, во облека со гризотини од молци и стари кондури - скитник. Во раката има куфер. Повеќе шушти отколку збори. Комплетно без заби) ДИЗЕ: На стариот Зак му се посака да води љубов со неговата покојна Зака. Зак отиде на старите гробишта, ај откопа Зака и така, во прешироката карлица ја реши својата мака. На стариот Зак во сонот ноќта му дојде Зака, со потсмев бесрамник го рече, оти Зак ја изневерил со друга, оти Зака не била таа, оти Зака отишла кај друг, оти во гробот закопале друга. На стариот Зак му требаше долго да се сети дека го изневерила неговата покојна Зака. (Дизе седнува на столот. Го остава куферот на масата) ДИЗЕ: На сто четири ми пораснаа нови катници, на сто седум втори умници. Мене Господ ме заборавил. Е, Дизе, Дизе... (Го отвора куферот. Од него доаѓа пријатна, успивна, клинк-кланк музика. Дизе тивко залипува. Плаче. Липа. Плаче погласно... трае долго..) (Мрак) СРЕБРЕНА СВАДБА (Марта и Петар по 25 години од првата брачна ноќ. Тој, накривува во едната нога, потќелавен. Таа очигледно здебелена, со витлер во косата. Јадат торта. Таа што може побрзо и полакомо, тој затоа што е свадбена. Чешмата упорно и рамномерно капе) ПЕТАР: Јас сум Петар Звани Шајбна... Звани Шајбна... Петар. Имам 47 и занат во раце. Механичар. Женет. Имам добра жена. Косата ја фарба, горе лево има мост и повишен притисок. Добро готви. Имав и мајка. Умре. Склероза на мозокот. Имав и сообраќајка. На мото крос. Левата ми е пократка за два сантиметри... Вработен. Во фабрика. За мотори. Работам во три смени, имам бенифициран стаж, К-петнаесет, топол блок, возна карта, прехранбени бонови... На денешен ден со Марта се земавме. Се венчавме. Точно пред дваесет и пет години. Ова е нашата сребрена свадба. Секоја година одиме на море, а жената ја носам и на бања за женски болести. Сè на сè, дваесет и пет години слога и разбирање. МАРТА: Четврт крупно сечени ореви, 250 грама шеќер, 250 грама суво грозје и една до три штангли чоколадо, се замесуваат со четири јајца. Се пече на умерен оган. Кога е печено се сече на штангли и се посипува со 250 до 300 грама шеќер во прав и ванила по желба. Јас сум Марта, жената на Петар Звани Шајбна. Домаќинка. Имам 45 и 82 кила. Знам да правам нокли. Салцбуршки. 250 грама шеќер, 250 грама путер, 250 грама брашно се пече на 250. Кога се печени се потура шербет со цимет по желба. Еднаш, па уште еднаш. Трипати се лечев во бања... Стерилна. На три места сме кумови. Трипати даде име Април. Никогаш не зборува за тоа... „Фламбиран јазик“... Четврт крупно сечени јазици, анис, сол, бибер, цимет, шеќер... шеќер, цимет... цимет... цимет, цимет... цимет... (Марта ја дојадува целата торта, лакомо и манично, до крај. Чешмата и натака капе) ПЕТАР: Попуштила гумичката. МАРТА: Живците ми ги искина. ПЕТАР: Јапонска тортура. МАРТА: И за ова плаќаш. (Петар ѝ подава нешто ситно на Марта) ПЕТАР: Го најдов под маса. МАРТА: Како дошол на подот?! ПЕТАР: Се скинал и паднал. МАРТА: Прав бисер. ПЕТАР: Имитација. МАРТА: Прав е кога ти викам. ПЕТАР: Од пазар, за ефтини пари. МАРТА: Кога ти ќе ми купиш и таков?! ПЕТАР: За некоја прилика. МАРТА: За која? ПЕТАР: Ќе има. МАРТА: А за оваа? ПЕТАР: За оваа те донесов овде. МАРТА: Мислиш на оваа прчварница! ПЕТАР: И овде се плаќа. МАРТА: И тоа е твојот дар за брак од дваесет и пет години?!... ПЕТАР: А каде е твојот за овие дваесет и пет, жено!?... (Молк. Марта ја сведнува главата, пред да заплаче. По малку) МАРТА: Има нешто за пиење? ПЕТАР: Само сокче. МАРТА: Ми се јаде. ПЕТАР: Сега јадеше. МАРТА: Пак ми се јаде. ПЕТАР: Ќе спиеме. МАРТА: Рано е. ПЕТАР: Не е рано. МАРТА: Рано е. ПЕТАР: Не е рано. МАРТА: Рано е. ПЕТАР: Не е рано. (Молк... Чешмата рамномерно и упорно, понатака капе) (Мрак) СЕ ВИКАМ АФРОДИТА (Ира - седумнаесетгодишна, но сега блондинка, со изморено лице, во мантил за дожд, со мало куферче, со повивка во едната рака, влегува во собата. Од надвор грмотевици и дожд. Ира неколку мига стои на вратата. Се издивнува. Ира го остава куферчето на подот. Ја остава повивката на креветот. Ира се соблекува, немарно оставајќи ја облеката низ целата соба. Ира оди до мијалникот. Пушта вода. Си мие раце, лице, врат... Ира седнува на столот. Од неа се цеди вода. Ништо не презема. Станува од столот. Ира низ собата ги собира расфрланите алишта. Се облекува. Ја исчешлува косата. Ја обновува размачканата шминка. Се дотерува. Ира доаѓа до куферчето спремна за да излезе. Го отвора. Ира од него вади кукла. Во грбот со клуч ја навиткува. Од куклата доаѓа пријатна, успивна, клинк-кланк музика. Ира оди до куферот. Ја остава куклата до повивката. Ира оди до огледалото. Со кармин пишува: „Се викам Афродита“. Ира се врти уште еднаш кон повивката. Стои така на вратата неколку мига, држејќи ја кваката за да излезе) ИРА: Збогум Ира! (Ира излегува. Уште неколку мига клинк-кланк музика и плач на бебе) (Мрак) СУКЊА СО ЖИПОН (Вања висок младич со подолги екстремитети, сосем истрижана глава и чевли број 54 и Геро - средовечен, принизок и полникав човек. Шофери. Пијат пиво. На екс. Околу нив испразнети шишиња пиво. Гајби. Пијани се. Пијат непрекинато) ВАЊА: Мајстор Геро, не те потсетува на сукња ноќнава ламба? ГЕРО: На што? ВАЊА: На сукња. ГЕРО: На сукња, со жипон. (Вања гледа во ноќната ламба. Геро пие. Вања оди до ноќната ламба. Ја пали. Не свети. Шкрапа на прекинувачот. Прегорена е) ВАЊА: Штета. (Седнува спроти Геро. Пијат. По малку) ВАЊА: Мајстор Геро, не те потсетува на сукња ноќнава ламба? ГЕРО: На што? ВАЊА: На сукња. ГЕРО: На сукња, со жипон. (Вања гледа во ноќната ламба. Геро пие. Вања оди до ноќната ламба. Ја пали. Не свети. Шкрапа на прекинувачот. Прегорена е) ВАЊА: Штета. (Седнува спроти Геро. Пијат. По малку. Геро гледа во ноќната ламба. Вања пие. Геро оди до ноќната ламба. Ја пали. Не свети. Шкрапа на прекинувачот. Прегорена е. Седнува спроти Вања) ГЕРО: Вања, не те потсетува на сукња ноќнава ламба? ВАЊА: Тебе? ГЕРО: На сукња, со жипон. ВАЊА: Штета. ГЕРО: Штета. ВАЊА: Штета. ГЕРО: Штета. (Паѓаат од пијаност меѓу испобутканите шишиња. Мрморат. Ноќната ламба, по малку, светнува. Свети) (Мрак) ПЕТИНГ (Нина и Гога по 7-8 години, во полумрак, комотно соблечени. Нина лежи на кревет, Гога покрај неа, долу. Едната нога на Нина е во пена, Гога ѝ ја бричи ногата). НИНА: Не можеше да најдеш ништо поефтино!? ГОГА: Така сакам. НИНА: Нема струја. ГОГА: Баш е романтично. НИНА: Баш си перверзна. Мразам да седам во темно. ГОГА: Да ти кажам еден филм: НИНА: Каков филм?!... ГОГА: Ноќе. Нема светло. Две голи баби, збрчкани и штрби вештерки со бушави коси. - Од секогаш си имала широка карлица. - И твојата се прошири. - Што ме фаќаш! - Кога пак ќе се видиме? - Нема повеќе да се видиме. - И јас така мислам. - Знаеш? Ти ставив жива во кафето. - Стварно?... Јас ти ставив цијанкалиј во џинот. - Фино. - Зошто ми стави жива? - Тоа имав. - Што ќе правиш сега? - Ќе си одам дома. Ти? - И јас. - Време е. - Ich liebe dich. - Ich liebe dich. - Пријатно. - Збогум. НИНА: Глупости. Ајде доврши, ладно ми е. (Гога ја бричи Нина) ГОГА: Нина?... Зошто закасни денес? НИНА: Одев пеш. ГОГА: До овде. НИНА: Да, до овде. ГОГА: Немаш пари за такси? НИНА: Имам. ГОГА: Па што пеш? НИНА: Така сакам. ГОГА: Што се лутиш?... А? Нина!?... НИНА: Два километри застој. Страшна сообраќајка. Цел пат срчи. ГОГА: Стварно!?!... НИНА: Се превртел камион. Пиво возеле. ГОГА: Мртви? НИНА: Би било чудо да не се. ГОГА: Добар крај за филм. НИНА: Мислиш дека лажам!? ГОГА: Кој рече. НИНА: Не верувај ако сакаш. ГОГА: Реков само добар крај за филм. (Гога ја засекува Нина со бричот) НИНА: Пази!!! (Пауза. Двете гледаат во засечената нога) ГОГА: Имаш густа крв... Убаво ти стои на нога. (Гога ѝ ја лизнува крвта и ногата) НИНА: Ти не си нормална. (Нина станува, турнувајќи ја Гога. Нина се облекува, навлекувајќи чорапи... И сè по ред) ГОГА: Каде? НИНА: Имам работа. ГОГА: Секогаш имаш работа... Каде?... НИНА: Не е важно. ГОГА: Важно е... Каде?... НИНА: Ме влечкаш по ефтини мотели... ГОГА: А што сакаш ти. Апартман. Со телевизор. Со фрижидер. НИНА: Немој да бидеш безобразна. ГОГА: Не сум безобразна... Каде?... НИНА: Имам испит. „Каде?!“ ГОГА: И јас имам, Нина. НИНА: Одам да учам... Ете каде. ГОГА: Што спремаш? НИНА: Германистика. ГОГА: Ich liebe dich. НИНА: Ich liebe dich, Гога. (Се доближуваат една до друга. Снемува струја) ГОГА: Снема струја. НИНА: Срање. ГОГА: Кај најде сега. (Во полумрак се раздвижуваат... Почнуваат од почеток) НИНА: Не можеше да најдеш ништо поефтино!? ГОГА: Така сакам. НИНА: Нема струја. ГОГА: Баш романтично. НИНА: Баш си перверзна. Мразам да седам во темно. (Мрак) КОКАИН (Виктор, по петнаесет години, на шеесетина - пробелен во косата, ослабен - сега стариот костум виси на него. Ева непроменета, на триесет години, во истата облека. За него изминало многу време, за неа ни малку) ЕВА: Жал ти е што ме уби? ВИКТОР: Колку време помина од тогаш! ЕВА: Колку време лежиш затвор? ВИКТОР: Остарев Ева. ЕВА: Жал ти е што ме уби? ВИКТОР: Знаеше дека ќе умреш? ЕВА: Во ваков мотел не се слави роденден драги. Можевме во „Риц“. Можеше да ме фрлиш од балкон. Несреќен случај. Да ме удавиш во када, капка во мозокот... Овде веднаш паѓаш во очи. Чаршави несменети, стар мебел, прашина, прашина, а ние во луксузни одела... Наивно Викторе, наивно... ВИКТОР: Замолчи Ева. ЕВА: Жал ти е што ме уби?... Ајде да се напиеме, драги. ВИКТОР: Што има? ЕВА: Погоди! ВИКТОР: Не знам. ЕВА: Сети се. ВИКТОР: Заборавам, Ева. ЕВА: Шампањ!... Не го допивме тогаш... Има само една чаша. Јас ќе лизнам од шише... Се сеќаваш, ја скршивме другата тогаш. ВИКТОР: Не помнам веќе добро, Ева. ЕВА: Да, да. Мене ми падна од раце. (Ева сипува во чашата за Виктор. За неа, од шише) ЕВА: За тебе Виктор. ВИКТОР: Впрочем за тебе Ева. (Се чукнуваат. Пијат) ВИКТОР: Не си изменета Ева. ЕВА: Зошто онака ме уби? ВИКТОР: Како требаше? ЕВА: Можеше со пиштол. ВИКТОР: Сеедно е тоа. ЕВА: А вратот?... Види ми го вратот!... Модар. ВИКТОР: И ти се враќаше од некаде со модар. ЕВА: Жал ти е што ме уби? ВИКТОР: Жал ми е што те убив. (Ева шмркнува кокаин. Виктор очајно пие) ЕВА: Јас го заведов драги. ВИКТОР: Зошто Ева?! ВИКТОР: Млад, убав, силен, кожата му мирисаше на цимет и имаше јазик од пламен. ВИКТОР: Женет е сега. ЕВА: Веројатно драги. ВИКТОР: Има големи деца. Пуштил и стомак. ЕВА: Така е тоа со сите. ВИКТОР: Од кога се дрогираш? ЕВА: Секогаш ми е полесно со ова. Се опуштам. Ми доаѓаат слики. Паѓам во море. Ме голта кит... Таму седат две жени. Водат љубов. Збревтаат, збревтаат... Крај нема. Јас во темно. Ги барам. Никаде ги нема. „Мразам да седам во темно, мразам да седам во темно“ - се дерам и се претворам во солза, китот ме исплакува и пак сум дома кај тебе... Секогаш ми е полесно со ова... Ме навикнува уште Север. ВИКТОР: Мораш секогаш да го спомнуваш него?!... ЕВА: Уште си љубоморен драги? ВИКТОР: Љубоморен сум Ева. ЕВА: Жал ти е што ме уби? ВИКТОР: Престани, еднаш. (Пауза) ВИКТОР: Што да правам Ева? ЕВА: Старееш драги. ВИКТОР: Сам сум Ева. ЕВА: Зошто не се убиеш драги? ВИКТОР: Како да се убијам Ева? ЕВА: Кутриот Виктор... ВИКТОР: Можам со пиштол. ЕВА: Нема да боли?!... ВИКТОР: Тебе те болеше Ева? ЕВА: Жал ти е што ме уби? (Мрак) 47 (Дизе - сега на 47, подмладен, со темна коса, темна брада, истото одело, кондури - скитник. Во раката има куфер) ДИЗЕ: Ќе издивнеш во смрт засекогаш заборавен и оплакан со две-три солзи од некое жаловито срце што всушност ќе плаче за својата несреќа, а не за твојот погреб оскуден како и сите просечни погреби без роднини и пријатели со едно куче скитник во поворката кое за секој умрен мисли дека ќе е неговиот газда што го бара целиот свој живот и наместо погребните труби и свирачите чии костими константно мирисаат на нафталин ќе те исплаче тоа куче што ќе завие два-три пати и нема да доврши оти ќе дојде друг покојник во кола со четири црни коња и бели перјаници и кучето ќе се стрча по нив заборавајќи те тебе и мислејќи за новиот дека тој му е газдата, а ти додека сето тоа го гледаш и не можеше ни камен да фрлиш, ќе го опцуеш кучето и ќе ти биде криво и дури тогаш ќе сфатиш дека си бил секогаш сам, како што ќе бидеш таму долу, очаен, изморен од мислите ќе поминеш една ноќ, првата ноќ во твојот нов дом, додека сите спијат, а и ти се обидуваш да заспиеш со страшен недостаток од таблети за спиење, Либриум,што ќе ти фалат целиот твој постоечки престој таму, обидувајќи се да се сетиш зошто воопшто си стигнал на тоа место... (Дизе седнува на столот. Го остава куферот на масата) ДИЗЕ: Имам проблеми со забите. Ме болат на топло. Ме болат на ладно. На 47, без заби - ништо. Само со попара. Е, Дизе, Дизе... (Го отвара куферот. Од него доаѓа пријатна, успивна, клинк-кланк музика. Дизе тивко залипува. Плаче. Липа. Плаче погласно... Трае долго..) (Мрак) ЗЛАТНА СВАДБА (Марта и Петар по педесет години од првата брачна ноќ. Сосема стари, спори и сенилни. Тој подгрбавен и послаб, она малку коса е сосема бела, со пеги на челото. Таа е енормно дебела, со ретка коса и очила. Се спремаат за спиење, бавно и полека - ставаат пиџами и вилици во чаши. Чешмата неуморно и ритмично, редовно капе) ПЕТАР: Јас сум Шајбна... Имам 72 и несоница... Имам пензија... Имам и саат... од фабрика... златен... со повела... Имам и жена... нема коса, нема заби... има перде... Се земавме. Се венчавме. Точно пред педесет години. Ова е нашата златна свадба... Таа заборава... Немаме деца... „Јапонска тортура“... „Имитација! - Прав е кога ти викам. - Од пазар, за ефтини пари!“... Инаку Марта ми е добра. Многу ми е мило што сопруга ми е Марта. МАРТА: Јас сум Марта... на Шајбна!... Имам седумдесет со сто осумдесет... кила. Имам лекови... на нервна база... од црвените и од жолтите... Земам трипати по едно од четврт крупно сечени јазици и пред јадење... 250 грама ванила со цемет. Се пече триста на саат... Стерилна.. штангла... Добра е! За бања... „Кога ти ќе ми купиш... сребрена кацига... плави очи, со цимет и радосни и весели денови, денови, денови“... А Шајбна? А? Шајбна?... Шајбна?... Шајбна!... (Веќе спремни за спиење, легнуваат во кревет, до пола покриени, држејќи се за рака. Дремат) ПЕТАР: Марта! Не беше ова истата соба? МАРТА: Која соба? ПЕТАР: Се сеќаваш на оној Април? МАРТА: Кој Април? ПЕТАР: Оној што го направивме во август! МАРТА: Не беше тој Март?! ПЕТАР: Нее! Април. „Април што го направивме во август!“ МАРТА: Ти мислиш онаа соба...? ПЕТАР: Да, да. Само тапетите се нови. (Пауза. Молчат. Чешмата капе и капе - метроном на времето) ПЕТАР: Ја слушаш? МАРТА: Капе? ПЕТАР: Капе. (Петар се надвиснува кон Марта, по малку) ПЕТАР: Еј мала, отвори го срцето за мене! (Марта му се насмевнува. Се покриваат преку глава. Мрдање. Можеби водат љубов) (Мрак) КЛИНК-КЛАНК-МУЗИКА (Ира - седумнаесетгодишна, но сега, црнка со изморено лице, во мантил за дожд, со мало куферче, со повивка во едната рака, влегува во собата. Од надвор грмотевици и дожд. Ира неколку мига стои на вратата. Се издивнува. Ира го остава куферчето на подот. Ја остава повивката на креветот. Ира се соблекува, немарно оставајќи ја облеката низ целата соба. Ира оди до мијалникот. Пушта вода. Си мие раце, лице, врат... Ира седнува на столот. Ира низ собата ги собира расфрланите алишта. Се облекува. Ја исчешлува косата. Ја обновува размачканата шминка. Се дотерува. Ира доаѓа до куферчето спремна за да излезе. Го отвара. Ира од него вади кукла. Во грб во клуч ја навиткува. Од куклата доаѓа пријатна, успивна, клинк-кланк музика. Ира оди до креветот. Ја остава куклата до повивката. Ира оди до огледалото. Со кармин пишува: „Се викам Ира“. Ира го зема куферчето. Доаѓа до вратата. Ира се врти уште еднаш кон повивката. Стои така на вратата неколку мига, држејќи ја кваката за да излезе) ИРА: Збогум Афродита! (Ира излегува. Уште неколку мига клинк-кланк музика и плач на бебе) (Мрак) НОЌНА ЛАМБА (Геро и Вања непроменети. Геро близу ноќната ламба со абажур. Ламбата свети. Ја гледа со интерес, мамурен. Вања сиот во пена, се бричи пред огледалото. Мрмори напев. Геро шкрапнува на прекинувачот. Ламбата и натака свети. Се чуди. По малку пак шкрапнува на прекинувачот. Ламбата свети. Гледа во Вања да не го види. Ја загледува ламбата од страна, одоздола. Не му е јасно. Непрекинато и луто прави пали-гаси, пали-гаси... Ламбата без промени - свети. Вања го следи преку огледалото. Геро непрекинато пали-гаси, пали-гаси. Ламбата не реагира. И Вања стаписан, но се оддава - го следи во огледалото. Геро збеснат го корне гајтанот на ламбата. Ламбата и покрај сè, свети. На Геро не му се верува) ВАЊА: Мајстор Геро, мајстор Геро?!... ГЕРО: Што „мајстор Геро, мајстор Геро“. Оди плати за собава... Од прееска: „Мајстор Геро, мајстор Геро“... Ако цркне кој ќе плаќа... Детинска работа. (Ноќната ламба, по малку, засветува со послаб интензитет. Затрепкува. Жмирка. Слабнее, се гаси) (Мрак) ICH LIEBE DICH (Нина и Гога - сега на 80 години, старици. Со снежно-жолтеникави тела, со виснати делови и кожи, со бушави, долги, сосема бели коси. Штрби. Двете палави „вештерки“, врискаат и пискаат - збревтаат, збревтаат... во мрак... кикот од двете) НИНА: Не се срамиш? ГОГА: Од кого? НИНА: Така, од себе. ГОГА: Тебе не ти се убави. НИНА: Твоите се мали. ГОГА: Подобро е да се мали. НИНА: Од секогаш си имала широка карлица. ГОГА: И твојата се прошири. НИНА: Што ме фаќаш! ГОГА: Кога пак ќе се видиме? НИНА: Нема повеќе да се видиме. ГОГА: И јас така мислам. НИНА: Знаеш: Ти ставив жива во кафето. ГОГА: Стварно?... Јас ти ставив цијанкалиј во џинот. НИНА: Фино. ГОГА: Зошто ми стави жива? НИНА: Тоа имав. ГОГА: Што ќе правиш сега? НИНА: Ќе си одам дома. Ти? ГОГА: И јас. НИНА: Време е. ГОГА: Ich liebe dich. НИНА: Ich liebe dich. ГОГА: Пријатно. НИНА: Збогум. (Кикот од обете. Снемува струја) НИНА: Снема струја. ГОГА: Нина?... Нина?... НИНА: Што е? ГОГА: Многу се плашам од темно. НИНА: Сакаш да спиеш со мене!... (Мрак) ПАТЕТИК (Виктор, сега на седумдесет години - уште поостарен, паднат. Ева непроменета, на триесет, во истата гардероба, дрогирано поднасмеана. Виктор очаен и пијан, со чаша во раката. Во другата држи пиштол. Ева вади куршум. Го зема пиштолот. Го става куршумот. Му го дава пиштолот на Виктор. Виктор го вперува во слепоочницата. Спремен да пука. Замижува. СОбира храброст. Ева во исчекување. Долго. Ништо) ВИКТОР: Немам храброст Ева. ЕВА: Храброст, драги? ВИКТОР: Не можам да пукам. ЕВА: Типичен патетик. (Виктор го вперува пиштолот во уста. Спремен да пука. Замижува. Собира храброст. Ева во исчекување. Долго. Ништо) ВИКТОР: Немам храброст Ева. ЕВА: Храброст драги? ВИКТОР: Не можам да пукам. ЕВА: Типичен патетик. (Виктор го вперува пиштолот во стомак. Спремен да пука. Замижува. Собира храброст. Ева во исчекување. Долго. Ништо) ВИКТОР: Немам храброст Ева. ЕВА: Храброст драги? ВИКТОР: Не можам да пукам. (Пиштолот го зема Ева. Го крева право кон челото на Виктор. Пука. Тилот на Виктор прска. Чашата од раката на Виктор паѓа. Се скрши) ЕВА: Типичен патетик. (Мрак) ЗЛАТНАТА РИПКА (Дизе - сега на 7 години, во детска облека, кондури. Во раката има куферче) ДИЗЕ: Си бил рибар и ја уловил златната рипка. Рипката замолила: „Рибару, рибару, пушти ме, ќе ти исполнам три желби!“ Рибарот помислил, помислил. Побарал две, а третата била да ја улови пак утрето. Рибата му ги исполнила двете желби и пак се уловила, а рибарот пак само две желби ѝ побарал, и третата пак да ја улови утрето, за да ѝ побара уште две нови и третата пак да ја улови. Така таа е само негова сега, а за нас ја нема повеќе златната рипка. (Дизе седнува на столот. Го остава куферот на масата) ДИЗЕ: Ми се нишаат забите. Ме чешаат непцата. Ми растат нови. Е, Дизе, Дизе... (Го отвора куферчето. Од него доаѓа пријатна, успивна, клинк-кланк музика. Дизе тивко залипува. Плаче. Липа. Плаче погласно... Трае долго..) (Мрак) СОБА (Празна мотелска соба. Капе чешмата. Капе - прво побавно, за со секоја капка да се забрза интензитетот на капењето. Потекува подолг и прекинат млаз вода. Потекува обилно и брзо вода) Се пали ноќната ламба. Сијалицата од таванот засветува со слаб интензитет. Постепено се зајакнува. Се гаси ноќната ламба. Се гаси сијалицата од таванот. Се пали ноќната ламба - наизменично, со сијалицата. Од лавабото се излива вода. Прска огледалото. Прскаат двете чаши... Чекори. Краток молк... ѕвечкање на клучеви. Во вратата се вовлекува клуч. Се завртува во бравата. Се отвара вратата. Крцка. Не влегува никој, во така отворена ширум. Молк. Долго. Само водата што се одлива од лавабото тивко жубори. Силен провев... Се придвижува вратата и прави ГОЛЕМО: Т Р Е С К А Њ Е!!!! КРАЈ